Економската соработка со Емиратите е главниот приоритет на официјалната владина делегација која престојува во Обединетите Арапски Емирати. Во фокусот се туризмот, инфраструктурата и образованието – сектори во кои се очекува потпишување на конкретни договори и отворање нови економски можности за Македонија.

Средби со бизнис комори и проширување на воздушната поврзаност

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека делегацијата води интензивни разговори со деловните заедници во двата големи емирати – Шарџ и Дубаи. Посетата е насочена кон привлекување инвестиции во повеќе сектори, како и кон зајакнување на меѓусебната економска размена.

„Ја продолжуваме посетата на Обединетите Арапски Емирати. Делегацијата предводена од премиерот Мицкоски денеска има средби со бизнис коморите во Шарџ и Дубаи. Разговараме за можности за инвестиции во инфраструктурата, туризмот и земјоделието. Посебен акцент ставаме на туристичкиот потенцијал на нашите планини и езера, како и на коридорите 8 и 10 кои се стратешки за поврзување со Европа,“ истакна Николоски.

Тој додаде дека во рамки на разговорите, еден од приоритетите е отворање нови авиолинии со Ер Арабија, вклучително и рута кон Охрид, со што би се зголемила поврзаноста и туристичката понуда.

Зборуваме и за директно спојување, веќе имаме договор со ФлајДубаи за лет Дубаи – Скопје кој наскоро треба да започне, а зборуваме и со Ер Арабија за отворање на најмалку два лета од кој еден се надевам дека ќе биде кон охридскиот регион како дополнително би се развил туризмот

Договори за соработка и политички средби на високо ниво

Покрај економскиот дел, Николоски го истакна значењето на политичката димензија на посетата. Средбите со највисоките претставници на ОАЕ се оценети како конструктивни и значајни за зајакнување на заемните односи.

„Имавме исклучително добра средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, а во текот на утрешниот ден ќе се сретнеме и со премиерот. Денеска, на министерско ниво, ќе бидат потпишани неколку важни договори за економска, образовна и туристичка соработка. Очекуваме овие договори да придонесат за побрз и стабилен развој на земјата,“ изјави Николоски.

Тој посочи и дека се работи на имплементација на веќе договорен лет Дубаи – Скопје со ФлајДубаи, а со новите авиолинии со Ер Арабија би се зајакнал и охридскиот аеродром.

Придобивки за македонскиот туризам и пазарот на труд од економската соработка со Емиратите

Економската соработка со Емиратите се очекува да резултира со нови директни инвестиции, отворање на работни места и унапредување на туристичкиот и образовниот сектор. Според Николоски, овие партнерства се клучни за долгорочна стабилност и економски раст.

„Со овие средби се надеваме дека ќе привлечеме сериозни инвеститори во Македонија. Целта е да се отворат нови, добро платени работни места и државата да напредува со конкретни резултати,“ заклучи Николоски.