Ќе бидеме пионери или меѓу првите во регионот кои што ќе понудат формализиран пристап во трговијата со крипто валутите и „Blockhain“ технологијата, истакна Мицкоски, додавајќи дека тоа е нешто што денеска многу млади луѓе не само во Македонија туку и во регионот, Европа, САД претставува сериозен исчекор кон иднината.
Мицкоски рече дека со формализирање на пазарот за крипто валути ќе се овозможи над половина милијарда евра да завршат во Буџетот. Тоа се половина милијарда евра за образование, за инфраструктура, за болници и за голем број проекти, потенцира тој.
– Токму овој проект на ВМРО- ДПМНЕ ќе донесе развој на Република Македонија, овој проект ќе биде за добробит за граѓаните и за државата. Наместо полиња со марихуана ќе имаме модерни технологии и повеќе пари за народот. ВМРО-ДПМНЕ нуди политики за 21 век а СДСМ ја враќа Македонија во 19 век, истакна Мицкоски.
Тој истакна дека моментално пазарот на криптовалути има вредност од 2.5 трилиони долари, што е многу повеќе од капитализацијата на најголемитр светски банки, инвестициски фондови и големи фирми.
Македонија мора да фати чекор со иднината. Во Германија 40- тина банки вршат трговија со круптовалути и овозможуваат на своите клиенти да разменуваат биткоини или етериуми за пари, кажа Мицкоски и дополни дека тоа ќе биде случај и во Македонија и тоа ќе значи голема можност и за граѓаните на Македонија и за луѓе од соседството да го врамат своето тргување во една легална законска рамка.
Мицкоски исто така го посочи планот на партијата како да се обезбеди просечна плата за граѓаните на Република Македонија од 750 евра или 45.000 денари.
– ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период ќе промовира еден нов пристап кон решавање на економските проблеми, односно ќе понуди решенија кои ќе бидат навистина привлечни и реални за граѓаните, се со цел да го подобрат нивното секојдневние и нивниот животен стандард. Една од првичните е трговијата со криптовалутите, која што ќе им овозможи на младите луѓе побрз и поефикасен трансфер на финансии, а со тоа македонските граѓани ќе бидат директно инволвирани и запознаени со европските и светските трендови на функционирање, истакна Мицкоски.
Тимот на економисти во ВМРО-ДПМНЕ, како што истакна, долг период разработува процес за зголемување на просечната плата во државата.
– Концептот “Македонија за сите луѓе” е концепт кој се заснова на одредени постулати кои што се во тесна корелација со издржаните факти и точните пресметки како граѓаните да стигнат до 45.000 денари просечна плата, додаде Мицкоски.