Министерството за внатрешни работи ги потсетува сопствениците и возачите на возила со странски регистарски ознаки дека преку системот „Безбеден град“ се евидентираат и сообраќајните прекршоци направени со овие возила.
За полесно информирање и регулирање на евентуалните прекршоци, достапна е веб-апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“.
Од МВР појаснуваат дека користењето на апликацијата не е задолжително. Таа овозможува прекршоците да се проверат и регулираат однапред, со што се олеснува и забрзува постапката при излез од државата.
За возачите кои не ја користат апликацијата, информација за евентуално евидентиран прекршок може да се добие при излез од државата преку граничниот премин Табановце.
На Табановце, плаќањето на прекршокот може да се изврши со платежна картичка, додека плаќање во готовина не е предвидено.
МВР информира дека презема активности за проширување на можноста за информирање и подмирување на обврските поврзани со сообраќајните прекршоци и на други гранични премини.
