Адвокатот Стевица Јосифовски од една страна е правен советник на Државната комисија за спречување на корупција, а од друга страна од истата ДКСК е казнет затоа што по престанок на функцијата член на комисија во АЕК не поднел изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК – покажува проверката на податоците на веб страницата на комисијата.
Токму Јосифовски, кој е поранешен официјален правен застапник на политичката партија СДСМ, беше едно од имињата кои во медиумските натписи се поврзуваа со скандалот ФОКУС НЕТ, кој претставува огромен скандал за македонското правосудство.
Порталот pari.com.mk пишуваше дека токму тој е вмешан во случајот во кој беше пресудено Телеком (а преку тоа и државата) да исплати 4 милиони евра на компанија која со години е неактивна.
-Постојат сомневања дека тој е опфатен и со предметот во кој Телеком треба да исплати оштета од четири милиони евра на фирма, а за овој предмет Основното јавно обвинителство (ОЈО) започна предистражна постапка. ОЈО ја започна постапката откако министерот за транспорт и врски Александар Николоски го испрати предметот за натамошно разгледување бидејќи државата има дел од сопственоста на Телеком. – пишува порталот.
Судскиот скандал Фокус НЕТ
По скандалозната пресуда на апелација за исплата на овие пари за договор од 2001ва година за работа која оваа штипска компанија никогаш не ја извршила за Телеком, предистражна постапка води и Основното јавно обвинителство, откако вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски го испрати предметот за натамошно разгледување. Ставот на Николоски беше дека со овој предмет практично би се оштетил и буџетот на државата како акционер во Телеком.
Предметот се најде и пред Републичкиот Судски Совет (РСС). Од таму поведоа одговорност за судиите кои донеле ваква пресуда и практично ја запреа пресудата. За сега е јасно дека судиите погрешиле, но и дека поради реакциите на РСС овој случај е стопиран. Одлуката на Апелација да ја преиначи првостепената пресуда беше разгледувана од страна на Републичкиот судски совет, по што беше усвоен извештај во кој беа констатирани низа незаконитости во постапката. При постапката во РСС утврдено е дека постојат фалсификувани записници, а најдени биле и докази кои ги нема во списите на Основниот суд. Исто така, пресудата со која се преиначува првостепената одлука била донесена без одржување на јавна расправа, што е спротивно на Законот за парнична постапка.
Но, веднаш потоа се појави случај преставка ДКСК против членката на РСС која го реферираше овој случај, за наводен нејзин конфликт на интерес со Телеком како поранешна претставничка на државата во оваа компанија.
ДКСК за сега се нема изјаснето
ДКСК за сега се нема изјаснето по оваа преставка, но како што дознава Радио Лидер, токму споменатиот Стевица Јосифовски е оној кој за сега без успех се труди да ги актуелизира работите во комисијата во која е ангажиран и така во полза на ФОКУС НЕТ да се обиде да ја сруши пресудата.
ОД ДКСК за Радио Лидер минатата недела одговорија дека ова лице не е ангажирано на споменатиот предмет, затоа што работата не му е од таква природа. Но, доколку им доставиме податоци дополнително ќе проверат дали тој има конфликт на интерес во случајот ФОКУС НЕТ.
Кој е Стевица Јосифовски?
Јосифовски и стана познат на македонската јавност како правен застапник на партијата СДСМ, во чие време се најде на повеќе високи позиции. Во однос на неговата поврзаност со скандалот „ФОКУС НЕТ“, постојат гласини дека тој е правен советник на оваа компанија која ја доби најскандалозната пресуда во современата историја на македонското правосудство – по повеќе од 20 години судење, да добие 4 милиони евра за работа која никогаш не ја завршила.