Трговски центар и два хотели беа мета на руските прокетили во синоќешното бомбардирање на пристанишниот град Одеса.
Во нападот загинало едно лице, петмина повредени се пренесени во болница.
Денеска во урнатините пожарникарите бараа преживеани цивили. Украинските власти обвинија дека руски авион истрелал три хиперсонични ракети „Кама“ кои што ја погодиле туристичката инфраструктура при што трговскиот центар и магацинот се целосно уништени.
Нападите се случија непосредно откако претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ја посети Одеса.
Украинскиот престедател Володимир Зеленски уште еднаш апелира дека војната од која што сите се губитници, може да запре само со здружен притисок врз Русија да ја прекине агресијата.
-Обичниот живот поврзан со морето е блокиран од Русија. Токму од Русија. И ова е удар не само во Украина. Без нашиот земјоделски извоз, десетици земји во различни делови на светот веќе се на работ на недостиг на храна. А со текот на времето, ситуацијата може да стане сосема ужасна. Политичарите веќе разговараат за можните последици од ценовната криза и гладот во земјите на Африка и Азија. Ова е директна последица на руската агресија, која може да се надмине само заедно – со сите Европејци, со целиот слободен свет. Тоа може да се надмине со притисок врз Русија, со ефективно принудување на Русија да ја прекине оваа вознемирувачка војна, Володимир Зеленски, Престедател на Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден вели дека стравува оти Владимир Путин нема излез од војната во Украина. Говорејќи во Вашингтон, тој го опиша рускиот лидер како „многу пресметлив човек“, но без стратегија за излез и оцени дека Путин погрешно верувал дека инвазијата на Украина ќе ги растури НАТО и ЕУ. Бајден потпиша закон кој овозможува забрзување на испраќањето воена опрема во Украина, со што повторно се активира законот од втората светска војна.
-Претседател на САД „Потпишувам предлог-закон кој обезбедува уште една важна алатка во нашите напори да ја поддржиме владата на Украина и украинскиот народ во нивната борба да ја одбранат својата земја и нивната демократија од бруталната војна на Путин. И тоа е брутално,-Џо Бајден.
Украинското министерство за одбрана тврди дека руските сили и натаму спроведуваат „офанзивни операции“ на фабриката за челик Азовстал во Мариупол, Помошникот градоначалник Петро Андриушенко, потврди дека најмалку уште 100 цивили се останати во фабриката, каде се проценува дека има и две илјади украински борци. Шефот на набљудувачката мисија на обединетите нации Матилда Богнер, изрази стравување дека бројот на убиени цивили од почетокот на војната во Украина најверојатно е со илјадници поголем од официјалната бројка од 3.381. Таа го оквалификува Мариупол како „големата црна дупка“ бидејќи таму пристапот е отежнат.
Литванскиот парламент пак денеска ја прогласи Русија за терористичка држава. Во резолуцијата поддржана од сите 128 пратеници се наведува дека руските вооружени сили и платеници извршиле масовни воени злосторства во Украина, во наголем дел во Бородјанка, Буча, Ирпин, Гостомел, Мариупол.