Десет лица загинаа, а 110 други се повредени во експлозија во основно и средно училиште во покраината Кунар во источен Авганистан. Официјални лица соопштија дека несреќата најверојатно е поврзана со блискиот магацин за експлозиви.
Директорот за култура и информации на покраината Кунар, Сами ул Хак Бајан, посочи дека првичните информации укажуваат оти експлозијата во училиштето на периферијата на главниот град на покраината Асадабад е предизвикана од небрежност во магацин во кој се складираат експлозиви што им припаѓаат на рударски компании.
Бајан истакна дека истрагата за инцидентот е во тек.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Абдул Матин Кани, соопшти дека бројот на жртви се искачил на 10, а 110 лица се ранети.
Снимките од болничкото одделение покажуваат повредени деца, од кои неколку имале преврзано глава.
Портпаролот на полицијата на покраината Кунар, Фарид Дехкан, наведе дека експлозијата се случила во саботата во 10 часот по локално време во училиште во областа Андар Сер на периферијата на Асадабад.
Снимките од училиштето покажуваат дека дел од зградата се срушил.
