Европскиот парламент денеска усвои резолуција за состојбата со човековите права во Катар, во која се оценува дека изборот на земјата да биде домаќин на Светското првенство е проследен со веродостојни обвинувања за корупција и мито и бара радикална реформа на ФИФА.

Во резолуцијата, Парламентот изрази длабоко жалење за смртта на илјадници печалбари во Катар, главно градежни работници кои градеа објекти за Светското првенство, како и за сите повредени.

Исто така, се оценува дека „меѓународните спортски настани, со цел да се заштитат спортистите и навивачите и да се запре злоупотребата на спортот за подобрување на угледот, не треба да се доделуваат на земји каде што се прекршени основните човекови права и каде преовладува родово насилство“.

Со оценката дека во ФИФА има „системска и длабоко вкоренета“ корупција, пратениците од Европскиот парламент изразија жалење што доделувањето на организацијата на Светското првенство на Катар во 2010 година не било транспарентно и немало проценка на можни штетни последици.

Се нагласува дека ФИФА сериозно го нарушила угледот и интегритетот на светскиот фудбал, соопшти Европскиот парламент.

Во резолуцијата, Европскиот парламент ги повика членките на ЕУ, особено оние со големи национални фудбалски лиги, како Германија, Франција, Италија и Шпанија, да извршат притисок врз Европската фудбалска федерација УЕФА и ФИФА за радикална реформа на ФИФА.