Девет години по апсењата поврзани со настаните од 27 април, Јане Ченто повторно побара правда. Тој оцени дека последиците од неправдата продолжуваат да ги чувствуваат тој и неговите блиски.
Во објава по повод годишнината, Ченто се присети на раните утрински часови кога бил лишен од слобода, опишувајќи ја полициската акција како демонстрација на прекумерна сила. Тој тврди дека уште од самиот почеток верувал оти станува збор за однапред подготвено сценарио со политичка цел – обезбедување мнозинство за промена на уставното име на Македонија.
Ченто наведува дека годините поминати во затвор, претрпените понижувања и последиците врз семејствата не можат да бидат надоместени, но децидно инсистира дека неправдите мора да бидат институционално исправени.
Тој потсетува и на протестите организирани во изминатите години, за кои посочува дека претставувале јасен израз на граѓанска поддршка за барањето правда.
„Државата не смее да заборави, а ние нема да дозволиме да се заборави! Не бараме милост. Не бараме одмазда. Бараме правда!“, порача Ченто.
