Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека стремежот на Турција кон подлабоки врски со Истокот не претставува повлекување од Западот. Тој ја повтори и амбицијата на Анкара да стане полноправна членка на Шангајската организација за соработка, по враќањето од самитот на организацијата во Киргистан.
– Исто така би сакал да нагласам дека перспективата за членство на Турција во организацијата не значи распаѓање или свртување грб на Западот – изјави Ердоган пред новинарите во авионот.
На маргините на самитот, Ердоган имал приватна средба со рускиот претседател Владимир Путин. Двајцата разговарале за натамошна соработка во нуклеарната енергија.
Шангајската организација за соработка има десет членки, меѓу кои се Русија, Кина, Индија и Иран. Во организацијата членуваат и Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Пакистан и Белорусија.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Ердоган рече дека тој и Путин очекуваат конфликтот меѓу Русија и Украина да заврши мирно и што е можно поскоро. Анкара во текот на војната одржуваше пријателски односи и со Москва и со Киев.
Турскиот претседател ја нагласи и важноста на поморската безбедност во Црно Море, каде што цивилните бродови сè почесто се цел на напади.
– Постои потреба од механизам кој трајно ќе ја обезбеди безбедноста на комерцијалниот поморски транспорт во Црно Море – рече Ердоган, додавајќи дека тоа би било „корисно“ за да се спречи „повторно оживување на кризата со пченицата“.
Турција во 2022 година посредуваше во договорот за пченица, со кој беа отворени украинските пристаништа и беше овозможено движењето на руска храна и ѓубрива.
Спогодбата, од која Русија се повлече една година подоцна, беше од витално значење за глобалното снабдување со храна, особено во Африка, Блискиот Исток и Азија.
Шангајската организација за соработка е основана во 2001 година и често се претставува како противтежа на глобалното влијание на Соединетите Американски Држави, иако нејзините цели и агенда остануваат нејасни.
