Европската комисија денеска појасни дека очекува сите земји членки на Европската Унија да земат учество во новиот финансиски заем за Украина. Пакетот за поддршка изнесува 45 милијарди евра, при што нема да подразбира директен финансиски придонес од националните буџети.
Бугарија и Унгарија претходно најавија дека немаат намера да учествуваат во финансирањето на одбраната на Украина. Портпаролот на Европската комисија посочи дека одлуката во однос на официјална Софија не претставува политички чекор, туку техничко прашање регулирано со постојната законска рамка.
„Откако ќе се исполнат критериумите, просторот за маневрирање е многу мал“, истакна тој.
Тој додаде дека целиот процес се води според прецизно утврдени процедури и објективни критериуми. Прашањето за новиот финансиски механизам за Украина ќе биде предмет на дебата на вонредниот состанок на Европскиот совет во Брисел.
Според планот на комисијата, заемот ќе се сервисира преку приходите од камати генерирани од замрзнатите руски средства, додека каматата за заемот ќе биде покриена директно од европскиот буџет.
„На тој начин, избегнуваме какво било директно фискално влијание врз буџетите на земјите членки на ЕУ“, изјави портпаролот на ЕК.
