Ставот на САД во евентуален нов спор за Фолкландските Острови би можел да зависи од односот на Велика Британија кон американските воени операции против Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека Лондон не ѝ помогнал на американската војска и поради тоа избегна да даде јасна гаранција дека Вашингтон би ја поддржал Британија во можен конфликт со Аргентина.

На прашањето дали би ѝ помогнал на Велика Британија во евентуален територијален спор, Трамп рече дека секогаш ги преиспитува своите ставови.

Тој потсети дека побарал од НАТО и од британскиот премиер да испратат бродови, но дека добил одговор оти нема расположливи бродови. Според Трамп, помошта не им била потребна, но Лондон „не бил тука“ да помогне.

Трамп и претходно навести дека Вашингтон би можел да го преиспита својот став за суверенитетот над Фолкландските Острови доколку Велика Британија не ги зголеми издвојувањата за одбраната.

САД официјално имаат неутрален став за прашањето на суверенитетот над островите, иако ја признаваат британската фактичка управа над нив.

Изјавите на Трамп доаѓаат во пресрет на најавеното телевизиско обраќање на аргентинскиот претседател Хавиер Милеј, кој треба да говори за историското право на Аргентина врз островите.

Фолкландските Острови се предмет на долгогодишен спор меѓу Велика Британија и Аргентина. Двете држави војуваа во 1982 година, откако аргентинските сили ги зазедоа островите.

По 74 дена борби, британските сили ја потиснаа аргентинската армија.

На референдумот во 2013 година, 99,8 отсто од жителите на островите гласаа да останат под британска управа.