Соединетите држави работат со ЕУ, НАТО и владите во Белград и Приштина „да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата и избегнување дејствија што ги зголемуваат тензиите, го загрозуваат напредокот постигнат во дијалогот со посредство на ЕУ и негативно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните “, рече портпарол на Стејт департментот за РСЕ, додавајќи дека:
-Соединетите држави продолжуваат да поддржуваат тесна регионална соработка со цел да се отстранат сите пречки за слободно движење, трговија и инвестиции од кои ќе имаат корист сите граѓани на Западен Балкан.
Тензиите во односите Белград-Приштина се зголемија во минатата недела, кога специјалните сили на косовската полиција дојдоа на премините Јариње и Брњак во северно Косово за да ја спроведат одлуката на Приштина за одземање и замена на српските регистарски таблички. Бројни Срби од северно Косово оттогаш ги блокираа патиштата кон Јариње и Брњак, по кои може да се помине само пеш. Приштина ја усвои новата мерка откако истече петгодишниот договор на 15 септември.