Во рамките на манифестацијата „Чаир го слави Ноември – 20 години гордост“, во просториите на Албанскиот театар во Скопје се одржа свечениот концерт „Skutacja e Cauces“ во изведба на Државниот ансамбл за албански народни песни и ора. Преку богат уметнички репертоар, традиционални песни и автентични ора, ансамблот пред присутната публика ги претстави вредностите на културното и музичкото наследство.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, го истакна значењето на промовирањето на албанската уметност и култура преку континуирано организирање активности кои директно придонесуваат за афирмација на националниот идентитет и традицијата.
„Одлучивме Ноември да го прославиме со богата програма на настани, во која албанската уметност и култура го заземаат местото што го заслужуваат. А прославата продолжува“, истакна Меџити.
Музичкиот настан беше составен дел од шестдневната културна програма организирана од страна на Општина Чаир по повод ноемвриските празници и одбележувањето на две децении од поставувањето на споменикот на Ѓерѓ Кастриоти – Скендербег во главниот град. Предвидените активности ќе траат сè до 28 ноември, а ќе кулминираат со централна манифестација насловена како „20 години гордост“, закажана за 14:00 часот на плоштадот „Скендербег“.
