Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, очекува конкретен предлог од владата на Косово за Заедницата на српски општини (ЗСО) до 2 мај, кога лидерите на Косово и на Србија ќе се сретнат во Брисел, пренесува албанскиот сервис на Гласот на Америка.

„Се надевам дека до 2 мај ќе има некаков остварлив план“, истакна Ескобар.

Ескобар, кој е и заменик-помошник државен секретар за Јужна и Централна Европа, рече дека има напредок во однос на прашањето за ЗСО и, како што наведе, голема еволуција во односот на владата на Косово, особено на премиерот Албин Курти, да ја прифати оваа законска обврска.

„Тоа е постоечка обврска според Бриселскиот договор, но беше многу тешко за косовската влада, а особено за владејаќката партија, да ја прифатат како задолжителна, но сега зборуваат за тоа како обврска. Тие се согласија, ги одредија рамката и параметрите за формирање на заедницата и ние се согласуваме со тие параметри“, рече Ескобар.

Тој истакна дека САД ќе ги признаат вонредните локални избори на северот на Косово закажани за во недела дури и ако Српската листа ги бојкотира, посочувајќи дека бојкотот не ги дефинира изборите.

„Ние ги поканивме, а јас и лично се јавив и ја повикав Српска листа да учествува и да не се откаже од влијанието што може да го има. Тие самите решија да не учествуваат. Но, овие избори се уставна обврска“, рече тој.

Како што наведува Ескобар, постојат непотполнети места, а има луѓе кои не добиваат услуги во нивните општини бидејќи нема учество од сите засегнати страни.

„Ако избориве се фер и праведни, како што очекувам дека ќе бидат, резултатот ќе биде легитимен од наша перспектива“, рече Ескобар.

Тој се надева оти Србите на Косово ќе најдат начин да се вратат во институциите, додавајќи, сепак, дека бојкотот не треба да го одложи формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство.

„Таа обврска е непосредно, постоечко барање. Без разлика кој е на власт, таа институција, заедницата мора да се формира“, нагласи Ескобар.

Ескобар, исто така, го пофали договорот од Охрид како извонреден и рече дека, ако правилно се имплементира, тој ќе доведе до нова ера во мирните односи меѓу Србија и Косово и ќе го отвори патот за нивната евро-атлантска иднина.

Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Аљбин Курти, постигнаа договор за спроведување на Договорот за нормализација на односите во март годинава, со посредство на ЕУ и со поддршка од САД.

Двајцата претходно на крајот на февруари во Брисел го прифатија европскиот предлог за нормализација на односите.

Директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово, Петар Петковиќ, вчера изјави дека следната рунда од дијалогот меѓу Србија и Косово, што треба да се одржи на 2 мај во Брисел, ќе биде посветена на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово.