Бројот на загинати во вчерашната експлозија во фабрика за челик во турскиот град Алиага, во близина на Измир, се искачи на 17, откако почина уште еден од тешко повредените работници.
Според првичните информации од надлежните, експлозијата се случила околу пладне, за време на работи на одржување на една од печките во фабриката „Хабаш демир челик“, еден од најголемите производители на челик во Турција
Гувернерот на Измир, Сулејман Елбан, соопшти дека несреќата настанала откако се урнал кран што пренесувал резервен котел. При падот, делови од опремата и материјали завршиле во печката под него, предизвикувајќи експлозија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган првично соопшти дека во експлозијата загинале 16 работници, но министерот за здравство Кемал Мемишоглу подоцна потврди дека починал уште еден од тешко повредените, со што бројот на жртви се искачи на 17.
Според сведочењата на луѓето што се наоѓале во близина, експлозијата била толку силна што се затресла земјата. Еден од очевидците во прв момент помислил дека станува збор за земјотрес.
Гувернерот Елбан изјави дека постои сомневање дека под урнатините сè уште има затрупани работници. Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата, а надлежните отворија истрага за причините за несреќата.
Според турскиот сервис на „Би-би-си“, кој се повикува на локални медиуми, најмалку петмина се уапсени.
Несреќите на работните места и натаму се сериозен проблем во Турција, предупредуваат од независната организација за следење на безбедноста при работа.
