Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ од утрово повторно интензивно се обидуваа да ги приближат ставовите околу нафтено ембарго на ЕУ врз Русија, според последните информации постигнат е мал напредок, јави дописничката на МИА од Брисел.
Земјите-членки на ЕУ еден месец се заглавени околу модалитетите и роковите за нафтено ембарго врз Русија. Европската Комисија предложи шест месеци за забрана на сирова руска нафта и до крајот на оваа година за рафинирани нафтени производи од Русија, со продолжен рок за неколку земји, позависни од Москва од другите. Но, Унгарија како земја без излез на море е силно зависна од нафтоводот Дружба и смета дека треба да добие подолг рок како и суштинска финансиска сума од ЕУ за да може да се осамостои. Будимпешта не е единствена резервирана кон ова брзо ембарго, поддршка има од Словачка и Чешка.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ до попладнево повторно интензивно се обидуваа да изнајдат технички компромис кој ќе овозможи нафтеното ембарго да не претставува казна за граѓаните оваа зима. Унгарија бараше воопшто ова ембарго да не биде тема на дебата на денешниот вонреден самит на лидерите на ЕУ, но ова не беше прифатено.
Според последните информации споделени со новинарите во Брисел, дипломатите на земјите членки попладнево, тие се договориле дека шефовите на држави и влади на ЕУ денеска имаат за цел да постигнат “политички договор за ембарго врз руската нафта“, откриваат дипломатите во Брисел.
Ова ембарго, како што објаснуваат, треба да покрие две третини од увозот на нафта од Русија, оној кој се превезува преку море, но не и преку нафтовод.
– Ова е огромен успех за ЕУ, велат дипломатите во Советот. Таму се инсистира дека единството на ЕУ останува целосно и дека притисокот врз Русија ќе продолжи.
Дополнително, според дипломатите, се очекува договорот да содржи „привремени исклучоци“ за „некои земји членки“, иако дипломатите за сега не ги именуваат. Исклучоците имаат за цел да не создадат хаос во снабдувањето. Се додава дека „Советот ќе се наврати на овие исклучоци што побрзо“.
Лидерите на ЕУ попладнево пристигнуваат во Брисел, а состанокот ќе започне околу 16 часот. Врз основа на постигнатите ставови на амбасадорско ниво, се очекува шефовите на држави да излезат со појасен политички став на крајот на дводневниот самит, став кој потоа ќе служи како патоказ за Европската Унија.
Освен нафтата на маса се санкциите за лица обвинети за воени злосторства во Украина, исклучувањето на банката Сбербанк од меѓународниот систем за плаќање СВИФТ, забрана за уште неколку руски медиуми во државна сопственост и санкции за Патријархот Кирил.