Европскиот парламент даде зелено светло за разговори за правната рамка на новата дигитална форма на европската валута

Европската Унија направи нов чекор кон воведување дигитално евро, откако членовите на Европскиот парламент го поддржаа почетокот на преговорите за создавање дигитална верзија на заедничката валута.

Големо мнозинство европратеници го одобрија мандатот за преговори за правната рамка на дигиталното евро. Претходно поддршка даде и надлежниот комитет на Европскиот парламент.

Со ова, претставниците на Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ ќе можат да започнат разговори за конечниот текст на регулативата.

Дигиталното евро би можело да биде достапно во 2029 година

Целта е преговорите да завршат со договор до крајот на 2026 година. Европската централна банка очекува, доколку рокот биде исполнет, дигиталното евро да стане достапно за граѓаните во 2029 година.

Првиот состанок на преговарачите е планиран за овој месец. Пилот-програма е предвидена за средината на 2027 година, кога ќе се тестира практичното функционирање на системот.

Дигиталното евро е замислено како електронска форма на пари издадена од Европската централна банка. Би се користело за онлајн, но и за офлајн плаќања.

Новата валута треба да ја надополни готовината

Европскиот парламент претходно посочи дека дигиталното евро не треба да ја замени готовината, туку да биде нејзино дополнување.

Според европските институции, системот треба да обезбеди заштита на приватноста, финансиска стабилност и достапност на плаќањата за сите граѓани.

ЕУ оценува дека дигиталното евро може да ја намали зависноста од американските платни системи и технолошките компании, како Visa, Mastercard, Apple Pay и Google Pay.

Еден од главните преговарачи на Европскиот парламент, Фернандо Наварете Рохас, порача дека дигиталното евро треба да биде алтернатива, а не обврска.

Поддржувачите сметаат дека новата валута ќе го зајакне европскиот монетарен суверенитет и ќе обезбеди безбедно јавно дигитално средство за плаќање.

Критичарите, пак, предупредуваат на можни ризици поврзани со приватноста, трошоците за воведување и влијанието врз банкарскиот сектор.