Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Охрид се сретна со заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, кој престојува во официјална посета на Македонија. Во фокусот на разговорот бил европскиот пат на земјата и Западниот Балкан, како и поддршката од Чешка за процесот на проширување на Европската Унија.
Средбата се одржала во вилата „Билјана“ во Охрид. Како што соопшти Кабинетот на претседателката, соговорниците оцениле дека македонско-чешките односи се карактеризираат со традиционално пријателство, меѓусебна почит и разбирање.
Во разговорот било посочено и заедничкото наследство во делото на просветителите „Св. Кирил и Методиј“, кое, како што се наведува, има голема обединувачка моќ.
Главна тема била долготрајниот пат на Македонија, но и на Западниот Балкан, кон Брисел. Сиљановска-Давкова му укажала на Мацинка дека дводеценискиот кандидатски статус на земјата за членство во ЕУ не е последица на неусогласеност со европското право и пракса.
Според неа, процесот е попречуван од блокади од некои соседни земји, кои имаат ирационален идентитетски карактер. Претседателката истовремено предупредила дека европската интеграција на Западниот Балкан не треба да се гледа само како политичко и техничко прашање, туку и како прашање од европско-безбедносен карактер.
Мацинка оценил дека местото на Македонија е во Европската Унија. Тој посочил дека на Чешката Република ѝ се потребни сојузници со слично минато, менталитет и култура.
Сиљановска-Давкова му се заблагодарила за принципиелната и континуирана поддршка од Чешка, која се изразува преку иницијативата „Пријатели на проширувањето“, но и преку ангажманот на земјата во рамките на Вишеградската група и форматот Славков.
На средбата, двајцата соговорници изразиле уверување дека досегашната плодна соработка меѓу Македонија и Чешката Република во економијата, туризмот, науката и образованието ќе продолжи, ќе се проширува и дополнително ќе се зајакнува.
