Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија во јуни имала најниска инфлација во споредба со земјите од регионот. Тој рече дека во услови на две војни Владата има план и доволно резерви за да одговори на можните предизвици, особено во делот на енергенсите.

Одговарајќи на новинарско прашање за движењето на инфлацијата, Мицкоски рече дека во вакви предизвикувачки времиња инфлацијата е еден од сегментите што мора внимателно да се следи.

„Инфлацијата е еден од тие сегменти коишто се случуваат во вакви предизвикувачки времиња. Ние во моментот, во јуни успеавме да имаме најниско ниво споредено со сите држави во регионот“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека особено го радува тоа што инфлацијата кај храната е околу 2,5 проценти, а кај обувките и облеката околу 2,1 процент, односно под 3 проценти.

Според премиерот, на вкупното ниво на инфлација влијаат тутунот, тутунските производи и алкохолот, како и транспортните услуги поради високите цени на горивата.

Мицкоски рече дека во услови на две војни, кои го нарушуваат снабдувањето со енергенси и други производи, голем предизвик за Владата е навреме да обезбеди доволни количини енергенси за граѓаните и за бизнисот, и тоа по ниски цени.

Тој посочи дека Битола е пример за тоа дека Македонија има пониски цени на горивата во споредба со соседството.

„Претпоставувам дека битолчани се сведоци како дел од соседите доаѓаат тука и ги користат потенцијалите на бензинските пумпи коишто се во околината на Битола или во Битола за да ги наполнат своите резервоари со гориво“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека тоа покажува оти земјата обезбедува гориво не само за домашните потреби, туку и за дел од граѓаните од соседството.

„Што значи дека ние обезбедуваме и за нив, не само за нашите потреби“, рече тој.

Мицкоски потсети дека Македонија, според статистиката, има убедливо најниска цена на горива и изрази надеж дека конфликтот на Блискиот Исток конечно ќе заврши, за Владата да може поструктурирано и појасно да планира во периодот што следи.

„Но и да продолжи, ние имаме план, имаме доволно резерви како да одговориме на овој предизвик“, рече Мицкоски.

Тој упати критики и до, како што рече, одредени политички сили во државата кои шират бран на негативна енергија.

„Тоа впрочем се случува две години, се сеќавате ќе банкротиравме 2024, па не тогаш, еве преживеавме. Па 2025 ќе банкротиравме, не банкротиравме. Еве сега 2026 ќе сме банкротирале, еве нема да банкротираме. Финансиски стоиме многу подобро од било кога“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека истите политички структури ширеле и тврдења дека ќе доаѓале мигранти, но, како што рече, тоа не се случило.

„Тие ќе си продолжат со лаги, тоа е дел од нивната политичка стратегија. Ние треба да се фокусираме на она што претставува наша цел. И ако таа цел е вистински наша цел, ние ќе ја реализираме таа цел“, рече премиерот.

Мицкоски порача дека, во спортски жаргон, важно е „да се остави срцето на терен“, бидејќи само така ќе има резултати.