Самитот ќе ја отвори дебатата за иднината на Унијата
Денеска попладне премиерот Христијан Мицкоски ќе учествува на Euronews Summit за проширувањето на Европската Унија во Брисел, настан што обединува европски и кандидатски лидери со цел да разговараат за иднината на европската интеграција и развојот на Унијата.
Ова е прв настан од ваков формат, каде што високи претставници на ЕУ, експерти и лидери на земји кандидати ќе дискутираат во телевиски пренос во живо за најважното прашање: дали Унијата ќе се прошири и ќе се развива или ќе ризикува стагнација?
Во најавата за самитот се истакнува дека воените конфликти на границите на ЕУ и растечките демократски аспирации во соседството го претворија проширувањето во стратешки императив, а не само политика.
Европа меѓу проширување и стагнација
Учесниците ќе дискутираат дали хоризонтот за проширување до 2030 година за земјите од Западен Балкан и Источното партнерство е реален или симболичен, како и што би значела подлабоката интеграција за демократијата, економијата и стратешката автономија на Европа.
Во најавата се поставуваат и клучни прашања:
„Дали ЕУ е подготвена да биде поголема и поразновидна? Може ли да ги исполни своите ветувања и да ги зачува своите вредности?“
Високо присуство на европски и регионални лидери
Покрај Мицкоски, на самитот ќе учествуваат и Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет, Маја Санду, Александар Вучиќ, Володимир Зеленски, Еди Рама, Милојко Спајиќ, како и еврокомесарката Марта Кос.
Меѓу учесниците се и Дејвид Мекалистер, претседател на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, и Марк Ботенга, член на истиот комитет.
