Европската Унија и Гренланд денеска потпишаа Договор за партнерство во вредност од околу 200 милиони евра. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека новиот пакет е наменет за стратешкиот развој на Гренланд и на ЕУ.

– Гренланд може да смета на ЕУ. Тоа беше мојата порака за време на мојата последна посета. Денеска се вратив за да доставам вистински резултати од нашата тесна соработка, со нов пакет за партнерство ЕУ – Гренланд вреден 200 милиони евра – наведе Фон дер Лајен.

Партнерството предвидува соработка во повеќе значајни области, меѓу кои дигиталната поврзаност, одржливото рударство, енергетиката, туризмот, образованието, рибарството и домувањето.

– Ова ќе создаде нови можности и силна и ангажирана ЕУ и на Гренланд и на Арктикот. Бидејќи Гренланд е стратешки сојузник и сигурен пријател – посочи Фон дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија вчера пристигна на Гренланд. Нејзината посета се совпаѓа со почетокот на воената вежба на НАТО „Арктички штит“, во која учествуваат војници од 10 земји.

Фон дер Лајен во март 2024 година отвори канцеларија на Европската комисија во Нук, со што беше воспоставено постојано присуство на Европската Унија во Гренланд.