ЕУ останува силен поддржувач на Македонија во нејзините евроинтегративни процеси, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината посета на Скопје. Таа нагласи дека Брисел е подготвен да работи со земјата на исполнувањето на сите обврски поврзани со интеграцијата во ЕУ. И покрај предизвиците, фон дер Лајен испрати охрабрувачки пораки дека со заеднички напори пречките можат да се надминат.

Позитивни сигнали од Брисел , ЕУ ве поддржува

Посетата на фон дер Лајен доаѓа во критичен момент, кога прашањето за уставните измени во Македонија е во фокусот на политичката сцена. Предлогот на Владата за уставни измени со одложено дејство не беше одбиен од претседателката на Европската комисија, која го истакна значењето на соработката и дијалогот меѓу сите политички сили во државата.

  • „Скоро сме таму,“ изјави фон дер Лајен. „Знаеме дека уставните измени се обврска која вашата држава ја прифати, и сега ни треба заеднички напор, соработка и дијалог. Уверена сум дека пречките кои се уште постојат, ќе бидат надминати.“

Мицкоски: Македонскиот пат кон ЕУ е јасен

Премиерот Христијан Мицкоски, кој активно работи на лобирање во европските престолнини, изрази благодарност за поддршката од ЕУ и ја потврди посветеноста на Македонија кон полноправно членство во Унијата. Според него, Македонија е подготвена да ги спроведе потребните реформи и да ги споделува европските вредности, но истовремено е важно ЕУ да ги почитува легитимните ставови на македонските граѓани.

  • „Нашата влада е цврсто посветена на патот кон полноправно членство во ЕУ,“ истакна Мицкоски. „Сакаме да бидеме дел од европското семејство и да ги споделуваме истите вредности на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права. Очекуваме од ЕУ да помогне во продолжувањето на интегративниот процес, без дополнителни условувања што се спротивни на принципите на Унијата.“

Дипломатска офанзива и предлог за уставни измени

Мицкоски, во рамките на својата дипломатска офанзива, се обидува да издејствува поддршка од земјите членки на ЕУ за деблокирање на евроинтеграциите. Тој го предложи моделот на уставни измени со одложено дејство, кој, според него, ќе обезбеди заштита од идни условувања, особено од страна на Бугарија. Овој модел е според Преспанскиот договор, и Мицкоски верува дека е клучот за продолжување на интегративниот процес без дополнителни политички препреки.

Посетата на Урсула фон дер Лајен е дел од нејзината балканска турнеја, каде што ги истакнува заложбите на ЕУ за поддршка на земјите од регионот на нивниот пат кон интеграција во Унијата.