Европската Унија воведува нова дигитална услуга „Travel to Europe“, со цел да го олесни преминувањето на границите во рамките на новиот систем EES, кој веќе е во функција на надворешните граници и важи и за граѓаните на Македонија.

Со воведувањето на системот EES од април, пасошите повеќе не се печатат, туку секој влез и излез се евидентира дигитално, со задолжително фотографирање и земање отпечатоци од прсти. Наместо забрзување на процедурите, системот досега предизвика метеж на граничните премини.

Поради тоа, ЕУ ја пушти во употреба апликацијата „Travel to Europe“, достапна на Google Play и Apple Store, преку која патниците можат однапред да ги внесат своите податоци за да го забрзаат преминот.

Сепак, апликацијата во моментов функционира само во Шведска и Португалија.

Преку апликацијата, корисниците однапред доставуваат податоци, вклучително скенирање на биометриски пасош преку NFC технологија, фотографија за идентификација и одговори на основни прашања за целта и времетраењето на патувањето.

По обработката, патникот добива баркод што го покажува на граничниот службеник, што треба да ја забрза контролата. Податоците мора да се достават најмалку 72 часа пред патувањето.

Системот сè уште е во рана фаза на имплементација. Раните корисници пријавуваат технички потешкотии, а на дел од граничните премини недостига инфраструктура за таканаречени „брзи ленти“ за корисниците на апликацијата.

Официјалните информации за целосната примена на системот по граничните премини сè уште не се потврдени.

Воведувањето на апликацијата следува по предупредувањата дека новиот EES систем може да предизвика големи застои, особено за време на туристичката сезона.

Дали „Travel to Europe“ ќе ги забрза процедурите или ќе претставува дополнителен административен чекор, ќе стане појасно во наредните месеци.