Побарувачката за европски стоки и услуги од земји надвор од Европската Унија во 2024 година поддржувала 31,6 милиони работни места, односно 14,4 проценти од вкупната вработеност во Унијата. Најновата анализа на Евростат покажува дека приближно секое седмо работно место во ЕУ е поврзано со купувачи од трети земји, а најголемо влијание врз европскиот пазар на трудот имаат Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Кина.
Бројот на работни места што зависат од конечната побарувачка за европски стоки и услуги надвор од границите на ЕУ значително се зголемил во изминатите 14 години. Во 2010 година на овој начин биле поддржани 22,6 милиони работни места, што претставувало 11,5 проценти од вкупната вработеност, додека во 2024 година бројката достигнала 31,6 милиони.
Истовремено, бруто додадената вредност што европската економија ја остварила благодарение на странската конечна побарувачка се зголемила повеќе од двојно. Од 1,3 милијарди евра во 2010 година, таа достигнала 2,8 милијарди евра во 2024 година. Нејзиниот удел во вкупната бруто додадена вредност на Европската Унија се зголемил од 13,3 на 17,2 проценти, што покажува дека извозот има сè поголемо значење за вработувањето и економскиот раст на европскиот блок.
Соединетите Американски Држави остануваат најважниот извозен пазар за Европската Унија според овој показател. Побарувачката од американскиот пазар поддржувала околу шест милиони работни места, односно 19,1 процент од вкупната вработеност поврзана со странската побарувачка.
Американскиот пазар истовремено придонел со 585,8 милијарди евра бруто додадена вредност во европската економија. Тоа претставува 21 процент од вкупниот износ остварен благодарение на извозот на стоки и услуги наменети за конечна потрошувачка или инвестиции надвор од Европската Унија.
