Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на почетната сесија од евалуациската посета на Извршната дирекција на Комитетот за борба против тероризмот при Советот за безбедност на Обединетите нации (CTED). Посетата се одржува во Скопје од 2 до 6 ноември 2026 година, а делегацијата на Светската организација ја предводи заменик-директорката Кармен Кантор.
Главната цел на состаноците е да се изврши процена на спроведувањето на релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН. Воедно, фокусот е ставен на согледување на националните капацитети и предизвици во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, како и на идентификување можности за дополнително унапредување на институционалниот одговор и меѓународната соработка.
Во своето обраќање, Тошковски истакна дека посетата претставува значајна можност за сеопфатна процена на напредокот на државата, со оглед на тоа што последната ваква евалуација била реализирана во 2011 година.
„Во изминатите петнаесет години Македонија помина низ значајни институционални, законодавни и структурни реформи, со кои ги зајакна своите безбедносни капацитети и ја потврди својата улога на одговорен партнер во зачувувањето на регионалната и меѓународната стабилност. Нашата определба е да продолжиме со развојот на систем кој навремено ги препознава заканите, ефикасно ги спречува и обезбедува сигурност за граѓаните“, нагласи Тошковски.
Министерот посочи дека во изминатиот период се унапредени механизмите за меѓуинституционална координација, размена на оперативни информации и соработка меѓу полицијата, разузнавачките служби и органите за гранично управување. Истовремено, посебно внимание е посветено на превенцијата на насилниот екстремизам, раното препознавање на радикализацијата, дерадикализацијата и ресоцијализацијата, преку вклучување на локалните заедници, образовните институции и граѓанскиот сектор.
Говорејќи за идните приоритети, Тошковски го најави донесувањето на ревидираната Национална стратегија за борба против тероризмот, со посебен акцент на дигиталната радикализација и новите безбедносни закани.
„Терористичките закани сè повеќе се пренесуваат во дигиталниот простор. Затоа веќе го започнавме процесот на формирање специјализирана Национална единица за следење и сузбивање на терористичките содржини на интернет. Паралелно, планираме меѓуинституционални симулациски вежби за заштита на критичната инфраструктура и справување со хибридни закани, со вклучување и на приватниот сектор“, истакна министерот.
Во рамки на петдневната евалуациска посета ќе се разгледуваат повеќе области, меѓу кои антитерористичкото законодавство, спречувањето на финансирањето на тероризмот, граничната безбедност, меѓународната полициска и правосудна соработка, спречувањето на радикализацијата, злоупотребата на интернетот и новите технологии, како и заштитата на критичната инфраструктура. Предвидени се и теренски посети на Меѓународниот аеродром Скопје и граничниот премин Табановце.
На завршните сесии делегацијата ќе ги презентира своите прелиминарни согледувања и препораки, кои ќе послужат како основа за натамошно унапредување на националните капацитети.
Тошковски ја потврди подготвеноста на Министерството за внатрешни работи за целосна соработка со експертскиот тим на Обединетите нации, нагласувајќи дека објективната процена и меѓународната размена на искуства се важни за градење поотпорен и поефикасен безбедносен систем.
„На оваа евалуација гледаме како на можност да ги потврдиме постигнатите резултати, но и да ги препознаеме областите во кои можеме да бидеме подобри. Борбата против тероризмот бара постојана будност, силни институции и меѓународно партнерство. Нашата крајна цел останува заштитата на граѓаните и обезбедувањето стабилна и безбедна држава“, порача Тошковски.
