Свлечишта, одрони и локални излевања по обилните дождови
Обилните врнежи од дожд во изминатото деноноќие предизвикаа низа проблеми низ државата. Заклучно со 12:30 часот, Центар за управување со кризи регистрира појава на свлечишта, одрони на патиштата и локални излевања на реки, при што се поплавени земјоделски површини и одделни објекти. Најпогодени се југозападниот и пелагонискиот регион, додека во скопскиот и североисточниот дел состојбата е стабилна.
Југозапад: Поплавени магацини, одрони и критични речни корита
Во Ресен, водата навлегла во земјоделски површини, дворови, куќи и магацини за складирање јаболка, при што нивото на Голема Река пораснало од 1,40 на 1,65 метри. Ангажирани се сите расположливи пумпи и механизација за испумпување. Во Струга, надојдените води од Струшкото Поле поплавија дворови во 4-тиот Реон кај Мислешевски пат, каде интервенира противпожарната единица, а на патот Дебар – Струга има одрони што ги расчистуваат екипите на Македонијапат. Во Охрид дождот престана, но евидентирано е излевање на реката Сушица на улицата „Прилепска“, при што ЈП „Нискоградба“ интервенира со механизација, а како критична точка се посочува реката Далјан кај селата Косел и Вапила.
Пелагонија и Исток: Заматена вода, затворени патишта и апел за внимателност
Во Крушево и околината водата за пиење е заматена, поради што се препорачува нејзино превривање најмалку 10 минути, а општината најави комисија за проценка на штети. Во Демир Хисар затворен е локалниот пат кон селото Мренога поради оштетен мост на Боишка Река. Во Битолско се евидентирани поплавени земјоделски површини во Кравари, Жабени, Породин и по излевањето на Елешка Река, како и свлечишта и оштетувања на повеќе патни правци. Во Штипско има зачестени одрони и свлечишта на коловозите, додека во Струмица врнежите се со послаб интензитет и без излевања. Во Скопскиот регион, како и во Велес, Куманово, Липково, Крива Паланка, Кратово, Тетово и Гостивар, состојбата е редовна, со проодни, но влажни патишта и реки во коритата.
