Бугарија ја поддржува интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, но од Македонија очекува политичка волја за надминување на разликите. Ова стои во соопштенијата на бугарскиот претседател и министер за надворешни работи кои денеска се сретнаа со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. По средбата со шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев, од неговиот кабинет соопштуваат дека политиката на официјална Софија кон земјава останува на позициите од декларацијата усвоена од бугарското собрание во 2019та.
„Бугарија останува доследна во поддршката за европскиот пат на земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија. Водени од оваа позиција, вложивме сериозни напори да одржуваме отворен и целосен дијалог со нашите соседи и да ја вратиме довербата во односите меѓу нас“…порачал Стоев.
Од кабинетот на Румен Радев пак наведуваат дека Бугарија очекува ефективна акција од институциите на ЕУ за почитување на човековите права во Македонија додавајќи дека 120 илјади бугарски државјани во земјава, се и државјани на ЕУ. За евроинтеграциите пак Радев порачал:
„Бугарија е најзаинтересирана да ги види своите соседи во Европската унија, но за тоа е потребно целосно исполнување на Копенхашките критериуми за членство на Македонија, особено почитување на човековите права и принципите на добрососедство, кои се во срцето на Европска соработка.“
Во изминативе неколку месеци официјалната комуникација Скопје – Софија беше намалена со оглед на тоа што и по два изборни циклуси во Бугарија не беше составена политичка влада. Додека траат обидите за надминување на спорот, бугарскиот заменик -регионален министер Захари Христов објави дека 30 милиони евра од Европската унија ќе бидат инвестирани во развојот на пограничните региони на двете земји.