Македонскиот боксер Ален Рустемовски запиша историја со освојувањето на бронзен медал на Европското првенство (ЕП). Овој успех е значаен за македонскиот бокс, кој по две децении одново може да се пофали со медал на европско ниво. Рустемовски подвлече дека овој медал знаи повеќе од само бронза за него, нагласувајќи дека целиот живот се борел за оваа остварена цел.

„Освојувањето на сениорски европски медал беше еден од моите најголеми соништа,“ истакна македонскиот боксер, додавајќи дека сонува и да освои медали на Светско првенство и Олимписки игри.

Рустемовски откри дека зад успехот стојат години напорна работа, лични жртви и бројни предизвици, меѓу кои и тренинзи без тренер, самостојни подготовки и учество на натпревари. Тој нагласи дека и покрај ограничената финансиска поддршка и сите пречки, никогаш не се откажал.

„Желбата за успех беше посилна од сè,“ порача Рустемовски.

Потврди дека оваа бронза ја гледа како почеток на нешто многу поголемо, бидејќи неговите најголеми цели остануваат учеството на Олимпијадата и освојувањето на медал на најголемите светски натпреварувања.

„Мојот сон останува ист – Олимпијада, олимписки медал и еден ден да освојам сè што може да се освои во боксот“, додаде тој.

Рустемовски им се заблагодари на сите кои верувале во него и го поддржувале низ неговиот пат, посебно истакнувајќи ја гордоста што по 20 години успеал да донесе европски медал за Македонија.

„Овој медал не е само мој, туку на сите што беа покрај мене, веруваа во мене и ми даваа сила да продолжам напред,“ порача македонскиот боксер.