Комитетот за петиции на Европскиот парламент ја разгледа и ја прифати петиција на бугарскиот новинар Михаил Михајлов за поддршка на Македонија и на македонското малцинство во Бугарија и против кршењето на граѓанските права во земјата.
– Со задоволство ве известувам дека Комитетот за петиции ја разгледа вашата петиција и ја прогласи за прифатлива. Врз основа на тоа, ја замолив Европската комисија да спроведе прелиминарна истрага за ова прашање. Бидете сигурни, дека ќе ве информирам за какво било понатамошно дејствие преземено врз основа на вашата петиција, вклучувајќи ги и резултатите на прелиминарната истрага на Европската комисија, се наведува во одговорот на членката на Комитетот за петиции на Европскиот парламент, Долорес Монтсерат упатена до Михајлов на петицијата што тој ја доставил до парламентарниот Комитет на 12 декември минатата година.
Во реакција на одговорот Михајлов изразува задоволството од прифаќањето на неговата петиција и надеж дека тоа ќе им даде дополнителен поттик на политичките партии во Бугарија „да ги почитуваат човековите права и правото на национално самоопределување, како и да дадат „зелено светло“ за членство на Македонија во Европската унија“.
– Бојко Борисов повеќе не е премиер и сега новите власти ќе треба да му објаснат на Европскиот парламент зошто Бугарија не го почитува Европскиот суд за човекови права и не го признава македонското малцинство, зошто во Бугарија масовно се кршат човековите права и зошто Бугарија одби да дозволи Северна Македонија да преговара за членство во Европската унија. Верувам дека на овој начин новите власти ќе бидат принудени да направат промени, додава Михајлов во изјавата.