Трговците на мало во Европа стравуваат дека целата божиќна сезона би можела да биде најлоша во изминатата деценија, бидејќи купувачите ја намалија потрошувачката, а оперативните трошоци продолжуваат да растат, намалувајќи ги нивните профитни маржи.
Европските трговци се надеваат дека попустите на „црниот петок“ ќе ги поттикнат клиентите да трошат повеќе и ќе ја турнат во втор план кризата на животниот стандард, пишува Хина.
Двоцифрената инфлација ја намали куповната моќ на потрошувачите, а нивната доверба е на или многу блиску до рекордно ниско ниво бидејќи скокот на сметките за енергија ги зголеми трошоците за живот. Сепак, за да ги контролираат своите финансии што е можно повеќе, потрошувачите го започнаа божиќното купување на почетокот на оваа година, а се чини дека многумина сепак „ќе го отворат кесето“, пишува Хина.
Британците ќе потрошат 8,7 милијарди фунти (10,1 милијарди евра) на црниот петок (25 до 28 ноември), приближно исто како и минатата година, покажува истражувањето на GlobalDate за VoucherCodes. Но, проценката за раст од 0,8 отсто го прикрива големиот пад на обемот на продажбата кога ќе се земе предвид инфлацијата. Оваа година потрошувачите ќе го користат црниот петок повеќе за спонтани купувања и за божиќни подароци отколку за поголеми и подолго одложени набавки, според консултантската куќа Мекинсли.
Нивното истражување покажува дека четвртина од потрошувачите во Велика Британија веќе го направиле своето божиќно купување и дека само околу десетина планираат најголемиот дел од купувањето да го направат на самиот Црн петок. Европскиот портал за споредба на цените Idealo пишува дека 65 отсто од Италијанците кои купуваат онлајн се подготвени да купат производ за време на „фестивалот“ на потрошувачката. Во Франција, 70 отсто од потрошувачите планираат да купуваат во „Црн петок“ и „Кибер понеделник“, според истражувањето на PwC France. Шпанците се помалку заинтересирани и само една четвртина од нив планираат да ги искористат поволните зделки на црниот петок за божиќен шопинг, според Шпанската асоцијација за стоки за широка потрошувачка.
Националната федерација за малопродажба на САД (NRF) предвидува дека продажбата за време на празниците ќе расте со побавно темпо оваа година, но проценува дека 166,3 милиони граѓани сè уште планираат да купуваат помеѓу Денот на благодарноста и кибер понеделникот.
Амазон очекува најслаб раст на приходите во споредба со кој било период на одмор во последните неколку години. Нејзините работници во неколку земји, вклучувајќи ги САД, Германија и Франција, на „црн петок“ се повикани на штрајк за да се борат за повисоки плати.