Жени со рак на дојка примаат лекови без докажан ефект

Жени со рак на дојка често добиваат нови лекови чија ефективност не е целосно докажана и кои не делуваат подеднакво кај сите, покажува меѓународна студија спроведена од Универзитетскиот клинички центар и Католичкиот универзитет во Лувен, Белгија.

Истражувањето, објавено во „JAMA Онколоџи“, открива дека фармацевтските компании не спроведуваат доволно истражувања за реалната корист од лековите, а кога ги спроведуваат, податоците често не се споделуваат со јавноста. Експертите истакнуваат дека новите лекови можат да спасат животи, но делуваат само кај специфична група на пациентки – обично кај 5 до 10 проценти. И покрај тоа, тие често се даваат на сите пациентки, бидејќи недостасуваат прецизни биомаркери за предвидување на ефектот и потенцијалните несакани реакции.

Раководителот на истражувачкиот тим, Ханс Вилдирс, објаснува:

– Фармацевтската индустрија сè повеќе спроведува истражувања самостојно, без соработка со академската заедница. Затоа бараме подобар пристап до податоците од нивните клинички испитувања, за да можеме сами да истражиме кои пациенти имаат, а кои немаат корист од некој нов лек за рак. На овој начин, можеме да избегнеме непотребни несакани ефекти и високи трошоци.

Повик за транспарентност и соработка

Студијата повикува на поголема транспарентност при споделување на резултатите од клиничките испитувања и анализите на примероците од туморите. Според Вилдирс, комерцијалните интереси не треба да ги одредуваат информациите достапни за лекарите и пациентките.

Кристин Десмед, раководителка на Лабораторијата за истражување на ракот на дојка при Универзитетот во Лувен, вели:

– Тоа треба да биде потранспарентно и поефикасно. Но, исто така сакаме пациентките да продолжат да учествуваат во клиничките испитувања, затоа што тоа ги зголемува нивните шанси за преживување или закрепнување.

Реакција од фармацевтската индустрија

Здружението на белгиските фармацевтски компании Фарма.бе соопшти дека е отворено за дијалог, но дека „не биле контактирани од истражувачите“.

– Сè уште не бевме во можност да ја проучиме студијата, што ни отежнува да дадеме детален одговор. Со години се стремиме кон поголем дијалог меѓу сите засегнати страни во рамките на здравствениот систем. За таа цел презедовме бројни иницијативи со лекари, организации на пациентите и креаторите на политики, вклучително и во текот на 2025 година, се додава во реакцијата на Фарма.бе.