Набавка на противпожарна скала за град Скопје од унгарска фирма е темата околу која вчера разменија повеќе фејсбук – статуси и меѓусебни обвинувања лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Според објавата на Мицкоски околу пладне, Шилегов набавил противпожарна автомеханичка скала, вредна нешто повеќе од 1,7 милиони евра. Носител на набавката, како што посочува лидерот на опозицијата, е унгарска компанија со седиште во Будимпешта, како чиј партнер се јавува фирма каде што косопственик е зет на секретарот на град Скопје.

– Да, да, компанија со седиште во Будимпешта. Истата таа држава и град што СДСМ жестоко ги анатемиса изминативе речиси три години. Но бизнисот мора да врви. Додека, пак, врви бизнисот, а шумите горат, како партнер на унгарската компанија се јавува истата компанија кадешто косопственик е зетот на секретарот на град Скопје. Чудно но вистинито, компанијата каде што е косопственик зетот на најблискиот соработник на Петре Шилегов склучува договор со носителот на набавка во вредност од 33.244.500 денари или околу 540.000 евра, напиша Мицкоски на фејсбук.

Вчера гореше над Галичник, опремата за гаснење пожар од 20 век (слика 1) во земја кандидат за Европска Унија во 21 век….

Posted by Hristijan Mickoski on Monday, May 3, 2021

Следеше одговор од Шилегов, кој му пиша на Мицкоски дека, додека некој оди по инструкции во Будимпешта, друг оди по опрема.

– Додека ти Христијане ја заморуваш македонската и скопската јавност со своите лаги и конструкции, ние веќе правиме обука на персоналот и вршиме технички прием на противпожарната скала, новото добро во нашиот град. Прав си. Ти одиш во Будимпешта по инструкции, некој друг по опрема за безбедноста на скопјани, возврати Шилегов на фејсбук.

Додека ТИ Христијане ја замараш македонската и скопската јавност со своите лаги и конструкции, ние веќе правиме обука на…

Posted by Петре Шилегов on Monday, May 3, 2021

Неколку часа подоцна, Мицкоски се јави со нова реакција, обвинувајќи го Шилегов дека манипулира со јавноста. Тој посочува дека иста противпожарна скала има и Загреб, со таа разлика што е платена двојно помалку.

– Покрај тоа што Загреб е речиси двојно поголем од Скопје, градот убав наш со Шилегов ја платил нашата противпожарна скала за двојно повеќе од Загреб. Се извинувам, ние скопјани ја плативме, истото возило, а некој друг одлучи за поскапа нарачка. Ама очигледно имаме сѐ, но криза немаме, па така градската администрација во Загреб ја платила противпожарната скала, со целосна дополнителна опрема, за помалку од 800 000 евра. Но, ние затоа ќе платиме повеќе од двојно, дури 1.700.000 евра, напиша Мицкоски.

Зошто му требаа сите овие истурени тешки зборови на градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов врз мене (слика 4)?…

Posted by Hristijan Mickoski on Monday, May 3, 2021