Македонија не бара гарантирано членство во Европската Унија, туку фер и предвидлив пристапен процес во кој напредокот ќе се оценува според реформите, а не според билатерални прашања поврзани со историјата и идентитетот, порача заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски на состанок во Рим.

„Не бараме гаранции дека ќе станеме членка на ЕУ, туку уверување дека нашите пристапни преговори нема да зависат од билатерални прашања поврзани со историјата и идентитетот“, рече Димитровски на средбата со министрите од групата „Пријатели на Западен Балкан“.

Тој нагласи дека Македонија останува посветена на спроведувањето на неопходните реформи и дека нејзиниот напредок треба да се оценува исклучиво според исполнувањето на Копенхашките критериуми и постигнатите резултати.

Состанокот се одржа на покана на италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, а на него учествуваа министри од земјите членки на ЕУ и од Западен Балкан, како и претставници на европските институции.

Во фокусот на разговорите беа иднината на проширувањето, европската перспектива на Западен Балкан и улогата на регионот во зајакнувањето на европската стратешка автономија.

Димитровски оцени дека проширувањето е стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и отпорноста на Европа. Според него, процесот мора да остане кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, а полноправното членство да биде неговата единствена крајна цел.

На панелот посветен на европската стратешка автономија, обезбедувањето храна, синџирите на снабдување и поврзаноста, тој ја истакна потребата од посилно инфраструктурно, транспортно и економско поврзување на Западен Балкан со Европската Унија.

Според Димитровски, подобрата регионална поврзаност и поотпорните синџири на снабдување се важни за поголема конкурентност и стабилност на целиот регион.