Владата го именувала Арбен Фетаи за специјален пратеник за европските интеграции со седиште во Брисел, а неговата задача ќе биде да ја зајакне политичката поддршка за членството на Македонија во Европската Унија и да придонесе за надминување на политичките и дипломатските пречки на европскиот пат.

Фетаи соопшти дека именувањето за него претставува голема чест, но и уште поголема одговорност. Тој ќе работи на поголема застапеност на македонските позиции во институциите на Европската Унија, во земјите-членки и во европските престолнини.

По долгогодишната кариера во Брисел и искуството стекнато во Владата, Фетаи изјави дека функцијата ја презема со уверување дека иднината на државата е во Европската Унија.

„Патот кон Брисел продолжува – со решителност, партнерство и целосна верба во европската иднина на Македонија“, порача Фетаи, заблагодарувајќи им се на премиерот и на Владата за укажаната доверба.