Обвинетиот бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, денеска ја напуштил Македонија преку граничниот премин Табановце, само еден ден откако Основниот суд во Струга му го вратил пасошот. Тој бил задржан на преминот, но бидејќи против него немало активна мерка што би го спречила да ја премине државната граница, бил пуштен да замине кон Србија.
Марковски е првообвинет во предметот за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“, вредна околу 1,7 милион евра. Во постапката се обвинети уште седум физички лица и едно правно лице, а петмина од обвинетите се директори и раководители на подружници во комбинатот.
Неофицијално, Основното јавно обвинителство Струга се противело на враќањето на пасошот, но позитивно мислење било дадено од Вишото јавно обвинителство Битола, со кое раководи Пецо Везироски. Марковски поседува компании и друг имот во Србија.
Од Министерството за внатрешни работи соопштиле дека мерките за забрана за напуштање на државата ги определува надлежен суд или друг надлежен орган, а полицијата постапува исклучиво според донесени и активни одлуки евидентирани во службените системи.
Враќањето на пасошот е уште една контроверзија во судскиот процес против Марковски. Судскиот совет претходно констатирал дека во Основниот суд Битола бил составен „посакуван кривичен совет“ за сопственикот на „Марковски компани“ да излезе од притвор.
Марковски беше пуштен од притвор во јануари годинава, откако приложи гаранција во вредност од речиси пет милиони евра во недвижен и движен имот. Како гаранција биле понудени куќа, три стана, како и 25 булдожери и камиони. И покрај противењето на битолското обвинителство, судот му одредил мерки на претпазливост, односно еднаш неделно да се јавува во судот, а пасошот привремено му бил одземен.
Претседателот на Основниот суд во Струга, Вулнет Винца, изјавил дека пасошот му бил вратен со судска одлука бидејќи Марковски приложил гаранција во вредност од над пет милиони евра.
– Според законот, не може да се земе и гаранција во имот и да биде одземен пасошот. Или едното или другото – рече судијата Винца за „Независен“.
Според обвинението, во 2023 година повеќе директори и раководители во РЕК „Битола“, заедно со Борче Марковски и уште две лица од „Марковски компани“, извршиле злоупотреби при јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК „Битола“.
Иако опремата воопшто не била планирана за употреба во РЕК „Битола“, бил спроведен тендер и бил потпишан договор во вредност од околу 1,7 милион евра. „Марковски компани“, како добитник на тендерот, ги демонтирала машините од Кичево, ги пренела во Битола и ги оставила немонтирани во кругот на комбинатот.
Обвинителството тврди дека тендерот бил спроведен со предимензионирани услови, со што „Марковски компани“ била фаворизирана како единствен понудувач. Според обвинението, компанијата наплатила средства врз основа на невистинита документација за наводно завршени работи, иако дел од опремата не бил монтиран.
Со меѓународна правна помош, Обвинителството обезбедило 1,2 милион евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград, а замрзнат бил и дел од имотот на компанијата.
Судењето првично почна во Основниот суд Битола, но по одлука на Апелацискиот суд во Битола предметот беше префрлен во Основниот суд Струга. Првото рочиште во Струга, закажано за 24 јуни, беше одложено бидејќи еден од обвинетите го сменил адвокатот, кој побарал дополнително време за увид во обвинителниот акт.
Новиот почеток на судењето е закажан за 2 септември.
