Здравствените работници беа во приораитетната група на лица, кои електронски аплицираа преку ФФМ за купување билети за ЕУРО2020, а дополнително, на медицинскиот персонал преку Министерството за здравство ќе им бидат овозможени влезници за натпреварите на македонската репрезентација.

– Изминатите речиси две години, едноставно, живеевме во време и моменти кои не потсетуваат дека здравјето на луѓето е најважно. Јасно ми е дека ова е премалку, но чувствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и трудот што го вложуваат за да нè заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности, изјави претседателот на ФФМ, Сејдини на денешната средба со вработени во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Во име на здравствените работници, главната сестра на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби Габриела Темелковска изрази благдарност до ФФМ, оценувајќи дека станува збор за „голем гест достоен за почит“.

– Благодарни сме на Федерацијата, како и за поддршката која фудбалерите и спортистите ја искажуваа за здравствените работници во изминатиот период. Дел од вработените во нашата клиника организирано ќе патуваат во Букурешт и со цело срце ќе ја бодрат македонската репрезентација. Ова е начин и ние да возвратиме на поддршката која нас ни ја даваа фудбалерите во исклучително тешкиот период за сите, истакна Темелковска на приемот во седиштето на ФФМ.