Сејдини се сомничи за финансиска измама од 700 илјади евра

Управниот одбор на Фудбалска федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука за покренување дисциплинска постапка пред Дисциплинската комисија на федерацијата против поранешниот претседател Муамед Сејдини. Постапката е отворена поради основано сомнение за измама и доведување во заблуда на членовите на Управниот одбор, поврзано со авансна исплата во износ од 700.000 евра.

Спорна авансна исплата

Станува збор за исплата кон фирмата-изведувач задолжена за изградба на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. Како што информираат од ФФМ, според достапната документација, исплатата била извршена самоиницијативно, спротивно на одлуката на Управниот одбор, надвор од понудата и надлежностите, како и без обезбедена банкарска гаранција.

Ревизија на тренерските лиценци

Управниот одбор оценува дека постојат елементи на тешки повреди на службените обврски и дејствување спротивно на интересите на ФФМ, со што се нанесени штетни последици врз угледот и финансиското работење на федерацијата. Дополнително, донесена е одлука за формирање ад-хок комисија која ќе спроведе ревизија на едукативниот процес за носителите на тренерски лиценци издадени од Едукативниот центар на ФФМ. Ревизијата ќе опфати проверка на почитувањето на роковите, процедурите и критериумите за учество на едукативните модули и за издавање лиценци, при што ќе се испита и начинот на кој поранешниот селектор Игор Ангеловски ја добил својата ПРО лиценца, ревизија што тој самиот ја побарал, се наведува во соопштението.