Супермоделот Хајди Клум уште еднаш ги разгоре шпекулациите во јавноста со откривањето нови детали за нејзиниот овогодишен костим по повод Ноќта на вештерките. Позната по своите екстремни трансформации, манекенката подготвува проект што соработниците го опишуваат како технички најбаран досега.

Клум на социјалните мрежи сподели фотографии на кои се прикажани усти со крупни, неправилни заби, што предизвика лавина коментари и обиди од фановите да погодат за кој лик станува збор. Меѓу претпоставките се најдоа чудовиштето ЕлисаСју од филмот „Супстанца“, Кликер од серијата „The Last of Us“, Векна од серијалот „Stranger Things“, како и карактери од познатата видеоигра „Resident Evil“.

Покрај фотографиите, таа објави и видео-материјал на кој се гледа конструкција во облик на ранец прицврстена за калап од човечко тело, со порака дека остануваат уште малку денови до целосното откривање. Ден претходно беа презентирани и протетички елементи со текстура на органско ткиво.

Нејзиниот соработник и експерт за специјални ефекти, Мајк Марино, во изјава за телевизијата Ен-Би-Си посочи дека овогодишната маска барала редок степен на посветеност и сложеност.

„Исклучително е тешко да се изработи, а самата сложеност на целиот процес претставува голем предизвик. На некои можеби не им изгледа така, но во овие работи се вложува огромен труд“, објасни Марино.