Светската фудбалска федерација уште пред одигрувањето на завршниот бараж за пласман на Светското првенство знаела дека голманот на Демократска Република Конго, Лионел Мпаси, нема целосно комплетирана административна постапка за промена на спортското државјанство, но сепак не изрече никаква казна за репрезентацијата.

Внатрешните документи до кои дојдоа угледните весници „Њујорк тајмс“ и „Ле Монд“ отвораат сериозни дилеми околу транспарентноста и законитоста во постапувањето на раководните органи на ФИФА.

Мпаси е роден на територијата на Франција и во младоста настапувал за француските младински репрезентации. Иако поседувал и француско и конгоанско државјанство, фудбалерот не ја завршил официјалната правна процедура пропишана од меѓународните фудбалски акти за промена на репрезентативната припадност во корист на ДР Конго.

Правната служба на ФИФА го идентификувала овој правен недостаток уште во март, непосредно пред интерконтиненталниот бараж-дуел во кој ДР Конго играше против Јамајка. Меѓу опциите што биле правно разгледувани се наоѓале суспензија за самиот чувар на мрежата, како и директна дисквалификација на целата селекција на ДР Конго од натпреварувањето.

И покрај констатираните пропусти, дисциплинските тела не донесоа одлука за санкција. Мпаси застана на голот, ДР Конго ја совлада Јамајка и обезбеди учество на Светското првенство. Голманот беше стандарден првотимец на Мундијалот сè додека неговата репрезентација не беше елиминирана во првата нокаут-фаза од Англија. Жалбата што претходно ја поднесе Нигерија беше отфрлена исклучиво од формални процедурални причини.