Раководител на подружницата „Брегалница“ на јавното претпријатие „Водостопанство“ во Кочани заработи кривична пријава под сомнение дека овозможил пет лица редовно да земаат плата иако воопшто не доаѓале на своите работни места. Со ваквите незаконски исплати, според соопштението од полицијата, на претпријатието му била нанесена материјална штета од вкупно 1.023.683 денари, односно околу 16.645 евра.

Пријавен е 61-годишен жител на Кочани со иницијали Б.Б., кој раководел со кочанската подружница во временскиот период од 25 ноември 2022 година до 16 октомври 2024 година. Против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, предвидено и казниво според член 353 од Кривичниот законик.

Според полициските информации со кои располагаат истражните органи, во периодот од март 2023 година до јануари 2024 година, пријавениот раководител редовно доставувал официјални платни списоци во кои свесно биле внесени пет лица, иако тие во реалноста не извршувале никакви работни задачи.

На овој начин, петтемина вработени се стекнале со противправна имотна корист во вкупен износ од 693.101 денар, што претставува противвредност од околу 11.270 евра.

Поединечните исплати што им биле префрлани на нивните сметки изнесувале 226.914 денари, 221.221 денар, 199.029 денари, 23.745 денари и 22.192 денари.

Комплетираната кривична пријава со сите придружни докази е доставена на натамошно надлежно постапување до Основното јавно обвинителство во Кочани.