Министерот за здравство Венко Филипче, со претставници од Министерството за здравство, денеска ќе заминат во официјална посета на Белград каде ќе се сретнат со српскиот министер за здравство Златибор Лончар и со директорката на Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“, Вера Стоиљковиќ.

– Ќе имаме разговор за повеќе битни теми во делот на нашата соработка и надвор од прашањата за вакцините, таа соработка која ја имаме во размена на експертизата, нивни експерти тука во делот на гинекологијата, неонатологијата, кардиохирургијата и за некаков стратешки план за набавка на вакцини од „Торлак“. Во овој момент не ни се потребни вакцини, но гледаме како се одвива работата со пандемијата, има разни најави, не можеме да претпоставиме како ќе се одвива и сметам дека е најлогично решение Институтот „Торлак“ да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму кога ќе треба согласно тоа како ќе се одвива пандемијата, изјави минатата недела Филипче.

Вчeра попладне пристигна првата пратка од вакцината „Фајзер“, која Министерството за здравство ја обезбеди cо директни преговори со овој производител на вакцина против Ковид 19.

-Станува збор за 10.530 дози од вакцината „Фајзер“, кои веќе од среда ќе бидат распределени по вакциналните пунктови во државата, каде се одвива вакцинација согласно Националната стратегија за ковид имунизација, информираа од Министерството за здравство.

Претходно, беше најавено дека втората пратка од „Фајзер“ со уште 10 илјади вакцини треба да пристигне на 26 април, со што нашата држава треба да добие вкупно околу 20.000 вакцини од овој производител.

Кон крајот на април ќе дојдат и 200 илјади кинески вакцини, а вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.

Во земјава досега се вакцинирани само околу 35 илјади граѓани.