– Вакцинацијата на сите пунктови во државата и А1 СЦ Борис Трајковски се одвива одлично. Денеска на состанокот, членовите на Националното координативно тело за имунизација против Ковид 19, ме информираа за процесот на вакцинација на територија на цела држава. Во вакциналните пунктови во здравствените установи тече вакцинацијата на возрасни граѓани, над 76 години, а во А1 СЦ Борис Трајковски тече вакицнацијата на здравствени работници и припадници на критична инфраструктура. Досега вакцинирани се 18.261 граѓанин, објави попладнево министерот за здравство, Венко Филипче.

Според него, освен возрасни граѓани, здравствени работници, вакцинирани се најкритичните групи на припадници на МВР, АРМ, наставнички од 1 до 3 одделение, воспитувачки и негувателки во градники, возачи на ЈСП, следната недела ќе се вакцинираат вработени во обвинителството, судовите, инспекциските служби, новинарите и медиумските работници.

– Епидемиолошката состојба во земјава укажува на широка распространетост на вирусот, што е земено предвид при приоритизација на групите за вакцинација. Таргетирани се приоритетни групи со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура, соопшти министерот.

Вакцинацијата на ранливите категории продолжува во арената А1 во Скопје. Припадниците на армијата и полицијата веќе се вакцинирани со првата доза Спутник, додека вакцинацијата на наставниците кои работат со физичко присуство во училиштата, како и на здравствените работници е во тек.

Во моментов, вакцинацијата се спроведува со дози на Астра&Зенека за лица над 77 години и со руската вакцина Спутник за категоријата вработени во државната инфраструктура за кои се смета дека се изложени на ризик од инфекција.