Средба со Олаф Шолц во рамки на Конгресот на СПД

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска од Берлин испрати јасна порака за заштита на македонскиот јазик и државните интереси. Во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), тој оствари средба со поранешниот канцелар Олаф Шолц.

Во своето обраќање, Филипче изрази благодарност во името на партијата и граѓаните за континуираната и принципиелна поддршка што Германија и СПД ја пружале на Северна Македонија – како во европската интеграција, така и во заштитата на македонскиот идентитет.

  • „Благодарни сме за поддршката, особено за резолуцијата на германскиот Бундестаг во 2023 година, со која испративте силна порака и поддршка за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Тоа беше резултат на државничката политика на СДСМ и соработката со германските социјалдемократи. Погрешните политики на актуелната власт во изминатата година ги загрозија сите овие успеси“, рече Филипче.

Силна порака за јазикот и идентитетот

Лидерот на СДСМ, Филипче од Берлин изрази уверување дека поддршката од СПД ќе продолжи и понатаму. Тој потенцираше дека СДСМ ќе остане цврсто посветен на одбраната на државните и националните интереси, посебно во контекстот на односот кон македонскиот јазик во европските институции.

  • „Не смее да се дозволи било какви додавки за македонскиот јазик во Извештајот на Европскиот парламент. Јазикот и идентитетот не биле и не смеат да бидат предмет на додавки. Во сите документи на Европската унија македонскиот јазик е јасно потврден“, истакна Филипче.

СДСМ, како што порача од Берлин, останува определен за европската иднина на државата и зајакнување на стратешките партнерства кои ја позиционираат Македонија повисоко на меѓународната сцена.

Извор: 24инфо