Мојот совет до Европа е да се разбуди и да ја прифати реалноста. Тоа, секако, подразбира интегрирање на вашата земја, на Србија и на останатите земји кандидати во Европската Унија изјави еминентниот професор и аналитичар Џефри Сакс при обраќањето на школата на млади лидери на екс претседателот Ѓорѓе Иванов.

Иван Иванов го запраша: „Во Македонија, многу луѓе сметаат дека во XXI век нашето право на самоопределување е поткопано од билатералните спорови. Го променивме името за да го отвориме патот кон Европската Унија и станавме членка на НАТО, но патот кон ЕУ и понатаму останува блокиран. Што би ја советувале една мала држава како нашата во ваква ситуација и што треба да направи нашето политичко раководство?“

Џефри Сакс: Знаете, мојот совет до Европа е да се разбуди и да ја прифати реалноста. Тоа, секако, подразбира интегрирање на вашата земја, на Србија и на останатите земји кандидати во Европската Унија.

Верувам дека и Украина треба да стане членка на Европската Унија, но како неутрална држава. Не сакам Европа да се претвори во милитаристички простор, а уште помалку сакам да се дефинира како регион кој постои во спротивставеност со Русија. Тоа е огромна грешка, можеби и катастрофална.

Европа треба да биде регион на интеграција и соработка, регион кој заеднички ќе ја спроведува зелената трансформација, ќе гради инфраструктура и ќе обезбедува мир и трговска соработка со Русија, Кина, Индија и останатиот свет.

Се разбира, сакам вашата земја да стане членка на Европската Унија. Јас верувам во Европската Унија, но не во начинот на кој таа функционира во моментов.

Верувам во една реформирана визија за Европската Унија – како светилник на мирот, соработката, зелената економија и високиот квалитет на живот. Тоа е вистинската европска улога. Европа е особено добра во тоа.

Квалитетот на живот во Европа е многу висок и треба да остане таков. Не преку војни и милитаризација, туку преку промовирање на добриот живот, во аристотеловска смисла на зборот.