-Освен мерката која се однесува на полицискиот час, кој сега ќе почнува од 23 часот, како и работното време на угостителските објекти кое од денеска е до 22.30, другите барања беа одбиени. Имаше барање за отворање на теретаните, како и за зголемување на бројот на децата во градинките, но за ова Комисијата за заразни болести смета дека е се уште рано – истакна денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Ова е практично одговор на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која денеска најави дека ќе бара зголемување на квотата за прифаќање на децата во градинка, со оглед на тоа дека не се планира продолжување на породилното отсуство поради епидемиолошката ситуација.

Имено, Шахпанска денеска имала средба со претставнички на мајките коишто се на породилно отсуство, и разговарале за состојбата за упис на децата во градинките, како и за потребата општините и директорите на градинките соодветно да го раководат процесот на прием на деца во градинките, за да се овозможи целосно искористување на капацитетите во градинките.

-Со оглед на стабилната состојба во градинките, како и поради фактот што вработените во градинките беа приоритетно вакцинирани, Министерството за труд и социјална политика достави писмен допис до Комисијата за заштита од заразни болести со кој предлага да се разгледа можноста за зголемување на бројот на деца во градинките. Доколку биде прифатен предлогот, дополнително ќе се зголеми капацитетот на градинките, ќе можат да се примат повеќе деца, со што ќе се обезбеди грижа за децата особено во оние семејства каде што и двајцата родители работат или пак се самохрани родители – обелодени Шахпаска.