Филмските ѕвездисе простуваат со еден од најпознатите гангстери на големото платно, починатиот Реј Лиота.

Лорејн Брако, што ја глумеше неговата сопруга во класиката „Добри момци“ (Goodfellas), изјави дека е „целосно скршена“ од веста за неговата смрт.

„Можам да бидам речиси каде било во светот и луѓето ќе дојдат и ќе ми кажат дека нивниот омилен филм е ‘Добри момци’. И, секогаш ме прашуваат кој е најдобриот дел од снимањето на тој филм. Мојот одговор отсекогаш бил ист – Реј Лиота“, објави Брако на социјалните мрежи.

Неговата колешка од „Нијанси сино“ (Shades of Blue), Џенифер Лопез го нарече „олицетворение на цврст човек, а однатре нежен“. Неговиот партнер во „Поле на соништата“ (Field of Dreams), Кевин Костнер говореше за „неверојатната оставина“ на Лиота.

Џејми Ли Кертис, која глумеше крај него во „Доминик и Јуџин“ во доцните 80-ти, го нарече „мил човек“ и „прекрасен уметник“.

Меѓу другите кои испратија последен поздрав се и Џефри Рајт, Вајола Дејвис, Џош Бролин, Розана Аркет и други.

– Ако имате еден филм што луѓето го паметат, тоа е одлично. А, ако имате два, тоа е фантастично!, рече Лиота во една прилика.

Лиота почина во сон во Доминиканската Република, додека го снимаше филмот „Опасни води“ (Dangerous Waters). Тој беше свршен со Џејси Нитоло, а претходно, од 1997 до 2004 година, беше в брак со Мишел Грејс со која ја имаат ќерката Карсен.