Финансиската помош за семејствата на жртвите

Почнува распределбата на финансиската помош за семејствата на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Секое семејство што изгубило близок ќе добие 150 илјади денари, откако ќе се приберат потребните документи и писмени согласности. Црвениот крст информираше дека исплатата ќе биде извршена веднаш штом се заврши административната постапка.

“Средствата кои беа собрани преку телефонските линии и нашата жиро-сметка ќе ги исплатиме веднаш по финализирање на процесот на прибирање на податоци и добивање на согласности од секое засегнато семејство.” – изјави Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст

Од акцијата досега се собрани над 12 милиони денари преку отворените телефонски линии. Донации за семејства на жрвите од пожарот во Пулс пристигнуваат и на жиро-сметката на Црвениот крст од граѓани, компании и институции.

Распределба на преостанатите средства и состојбата на повредените

Останатите донации нема да се распределат на ист начин. Ќе се применува посебна методологија, според реалните потреби на повредените и нивните семејства. Се очекува дел од средствата да бидат наменети за третман во странство и рехабилитација во земјава.

“Планираме остатокот од собраните средства да го распределиме поинаку, со приоритет на оние семејства чии членови се лекуваат – како во странство, така и во државните болници.” – истакна Саити

“До сега прибравме дел од податоците за починатите. За повредените во странство, Владата преку своите служби ќе ги обезбеди потребните информации. Првичните податоци веќе ги добивме, останува да ги прибавиме и оние за лицата кои се лекуваат во домашни здравствени установи.” – додаде Саити

Блокирани сметки и барање за укинување на персонален данок

Во дел од случаите, финансиската помош за семејствата на жртвите се соочува со дополнителни пречки. Поради блокирани сметки по трагедијата, дел од граѓаните и компаниите не можат да префрлат директна парична помош.

Неколку донатори упатија апел до државата. Тие бараат Владата да се откаже од наплатата на персоналниот данок од 10% кој важи при уплата на донација од правно на физичко лице.

“Неколку компании што се вклучени во акцијата сметаат дека Владата треба да се откаже од персоналниот данок кој се применува при донации кон физички лица. Така, значителен дел од средствата ќе стигнат кај оние на кои им се најнеопходни.” – наведуваат дел од донаторите

Покрај официјалната кампања, се појавија и граѓански иницијативи за помош, со сопствени веб-страници и фондови. Но, уште на денот на несреќата се појавија и лажни донациски линкови, поради што јавноста е предупредена да донира исклучиво преку проверени и безбедни извори.

Помошта се движи, но потребни се институционални прилагодувања

Иако финансиската помош за семејства на жртвите е обезбедена, пристапот до неа не е секогаш лесен. Блокирани сметки по трагедијата и оданочување на донациите претставуваат реални пречки. Сепак, помош за настраданите семејства мора да се испорачува навремено и без административни бариери. За таа цел, координацијата меѓу институциите, донаторите и засегнатите страни останува од суштинско значење.