Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска на самитот Кина-Европска Унија во Пекинг изјави дека со претседателот на Кина, Си Џингпинг е договорено да има балансирана трговија меѓу Кина и ЕУ.

Фон дер Лајен изјави дека се разговарало за причините за трговскиот дисбаланс, недостигот на пристап до кинескиот пазар, повластениот третман на кинеските компании и прекумерниот капацитет во кинеското производство.

Таа посочи дека е постигнат договор за соработка во областа на вештачката интелигенција на глобално ниво.

„Ја поздравувам подготвеноста на Кина да воспостави механизам за појаснување на правилата за прекуграничниот проток на податоци“, нагласи Фон дер Лејен.

Таа рече дека ја охрабрува Кина да се приклучи на глобалните напори за користење на обновливите извори на енергија и дека ЕУ е многу загрижена поради зголемениот број електрани на јаглен во Кина.

Според неа, се разговарало и за медицински помагала, козметика и географски показатели за храната во однос на решавање на трговските нерамнотежи.

На средбата со претседателот на Кина, фон дер Лајен рече дека ЕУ и Кина имаат огромна трговска размена – 2,3 милијарди евра дневно, објави ЕК.

„И како големи сили во светот, Европската унија и Кина имаат глобална одговорност. Имаме заеднички интерес за мирот и безбедноста, за ефективно функционирање на меѓународниот поредок заснован на правила и за изнаоѓање решенија за глобалните предизвици“, нагласи таа.

Според неа, затоа е од суштинско значење да се стави крај на рускиот напад врз Украина и да се воспостави праведен и траен мир во согласност со Повелбата на ОН и, во истиот дух, да се направи се што е можно за да се работи на решение со две држави во средниот Исток.