ЕУ со јасна порака до Вашингтон за трговскиот договор

Европската комисија испрати порака до САД дека постигнатите трговски договори треба да се почитуваат. Претседателката Урсула фон дер Лајен реагираше на најавите од Доналд Трамп за нови царини за европските автомобили.

Таа нагласи дека обврските преземени меѓу двете страни не можат да се игнорираат. Реакцијата доаѓа откако беше најавено воведување на 25 проценти царини за возила произведени во Европската Унија, пренесе Politico.eu.

„Договорот е договор. Имаме договор, а суштината на тој договор е просперитет, заеднички правила и сигурност“, изјави фон дер Лајен.

Дополнително, таа посочи дека Вашингтон има обврска да се придржува до договореното. Истовремено, нагласи дека Европската Унија е подготвена за различни развои на ситуацијата.

„САД имаат обврска“, изјави фон дер Лајен, додавајќи дека „ЕУ е подготвена за секаков сценарио“.

Поддршка од ЕУ лидерите и предупредувања за ескалација

Најавите за царини се оценуваат како ново заострување на односите меѓу Вашингтон и Брисел. Сепак, европските лидери изразија поддршка за ставот на Европската комисија.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста соопшти дека лидерите на ЕУ стојат зад одговорот на Комисијата.

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон ја потврди оваа позиција на прес-конференција во Ереван, заедно со ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

„Договорите се потпишани и мора да се почитуваат бидејќи доколку бидат доведени во прашање, сè ќе биде повторно отворено. Доколку на некоја земја ѝ се закануваат нови царини, ЕУ има механизми да одговори и треба да ги користи бидејќи за тоа се наменети“, изјави Макрон.

Тој дополнително нагласи дека сојузниците треба да избегнуваат вакви тензии.

„Блиските сојузници како Брисел и Вашингтон имаат многу попаметни работи да направат отколку да упатуваат закани што водат до дестабилизација“, рече Макрон.

По најавата на Трамп, Европската комисија првично не реагираше директно кон Белата куќа. Наместо тоа, соопшти дека ќе ги задржи сите опции отворени.