Недоверба во Судскиот совет, но и во Советот на јавните обвинители, гледаат најголем дел од 212 испитани судии и 83 обвинители, кои одговарале на анонимни прашалници од Мисијата на ОБСЕ. Од судиите било побарано да оценат 36 потенцијални ризици, од кои 18 надворешни и 18 внатрешни ризици, а од јавните обвинители да оценат 35 потенцијални ризици, што имаат влијание врз потопувањето и непристрасноста на судиите и јавните обвинители врз основа на критериуми, искуство, односно присуство на самата појава и ефектот што таа ја предизвикува во нивното работење, објави Макфакс.

Според анкетата, 45 отсто од анкетираните не се согласуваат дека во Судскиот совет гледаат заштитник на независноста на судството. Со оваа теза воопшто не се согласуваат 27 отсто. Заштитник во ова судско тело гледаат 17 отсто, а во потполност со тезата се согласуваат 9 отсто. Приближно 72 отсто од анкетираните судии не се согласуваат со тврдењето дека Судскиот совет делотворно ја штити независноста на судството наспроти 26 отсто, кои се согласуваат.

Податоците од анкетата покажуваат дека значителен дел од судиите, односно 73 отсто, не се согласуваат со исказот дека унапредувањето на судиите се врши на начин што се придружува кон објективни, мерливи и правични критериуми.

Истражувањето исто така утврди дека значителен дел од судиите, односно 62 отсто, не го смета Судскиот совет како орган што во пракса е независен во своето работење.

„Би напоменал дека ризиците на корупција во согласност со практиките не мора секогаш да се врзуваат директно за поткуп, за трговија со влијание или за судир на интереси, туку може да произлезат од нецелосна примена на законите, може да произлезат од злоупотреба на пороцесните права на странките, особено од страна на адвокатите, интеракција на правосудните институции со извршната и законодавната власт“, вели Владимир Георгиев.

Тој додава дека анкетата била спроведена во октомври и ноември 2022 година. Таа била испратена до 427 судии и 164 јавни обвинители.

„Како што гледате, одговорите се добиени од половина од судиите и половина од јавните обвинители, но со оглед дека стапката на одговори е околу 50 % од двете целни групи, истражувањето може да се смета за репрезентативно и резултатите да се генерираат за целата популација на судии и јавни обвинители во земјата“, додава Георгиев.